Статут

Врз основа на член 36, став 1 од Законот за Локална Самоуправа (“Службен весник на РМ“ бр.5/02), Советот на општина Валандово, на седницата одржана на ден 11.07.2002 година, донесе

С Т А Т У Т

НА ОПШТИНА ВАЛАНДОВО

 

 

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ 

Член 1

Општина Валандово (во понатамошниот текст општина) е единица на локална самоуправа, во која граѓаните го остваруваат правото на локална самоуправа.

Правото на локална самоуправа се остварува преку претставници во органите на општината и со непосредно учество во одлучувањето.

Член 2

Граѓаните на Република Македонија кои имаат постојано место на живеење на подрачјето на општината, се жители на општина Валандово.

Подрачјето на општината е утврдено со закон и ги опфаќа подрачјата на населените места, градот Валандово и селата: Ајранли, Аразли, Баракли, Балинци, Башали, Брајковци, Бајрамбос, Булунтули, Башибос, Вејсели, Градец, Грчиште, Ѓулели, Дедели, Јосифово, Казандол, Кочули, Марвинци, Пирава, Прстен, Плавуш, Раброво, Собри, Татарли, Терзели, Удово, Чалакли и Чештово.

Член 3

Општината е правно лице.

Член 4

Седиштето на општината е на ул. “Иво Лола Рибар“ бб.

Член 5

Општината има право на сопственост

Член 6

Општината има грб

Член 7

Општината има знаме

Член 8

Општината има печат со тркалезна форма со пречник од 3 (три) сантиметри, во чија средина се наоѓа грбот на општината и на чии рабови е испишано “Република Македонија – Општина Валандово“. 

Член 9

Празник на општината е “6-ти Ноември“.

Член 10

Во општината се востановуваат општински признанија и награди

Член 11

Општината може, со одлука донесена од страна на Советот на општината, да се здружува во здруженија, во согласност со закон.

Член 12

Општината соработува со општините во Републиката, со единици на локална самоуправа на други земји, како и со меѓународни организации на локални заедници, може и да членува во меѓународни организации на локалните власти.

Општината, заради остварување на заеднички интереси и вршење на заеднички работи од нивна надлежност, може со други општини од Републиката да здружува средства и да формира заеднички јавни служби, во согласност со закон.

Член 13

Органите на општината, како и телата на Советот и јавните служби се должни да ги информираат граѓаните за својата работа и плановите за развој како и да им овозможат пристап до информациите на начин уреден со овој Статут.

II.НАДЛЕЖНОСТ НА ОПШТИНАТА 

Член 14

Општината самостојно, во рамките на законот и овој Статут ги уредува и врши работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со законот за локална самоуправа или друг закон, како и работите кои не се исклучени од нејзина надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Член 15

Општината е надлежна за вршење на следните работи:

1. Урбанистичко (урбано и рурално) планирање, издавање на одобренија за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредување на просторот и уредување на градежното земјиште;

2. Заштита на животната средина и природата, во смисла на преземање на мерки за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучава и нејонизирачко зрачење;

3. Локален економски развој, во смисла на планирање на локалниот економски развој; утврдување на развојните и структурните приоритети; водење на локална економска политика; поддршка на развојот на малите и средните претпријатија и на претприемништвото на локално ниво и во тој контекст, учество во воспоставувањето и развојот на локалната мрежа на институции и агенции и промовирање на партнерство;

4. Комунални дејности, во смисла на снабдување со вода за пиење, испорака на технолошка вода, одведување и прочистување на отпадни води; одведување и третман на атмосферски води; јавно осветлување, одржување на јавна чистота; собирање, транспортирање и постапување со комунален цврст и технолошки отпад; уредување и организирање на јавниот локален превоз на патници; одржување на гробовите, гробиштата и давање погребални услуги; изградба, одржување реконструкција и заштита на локалните патишта и улици и други инфраструктурни објекти; регулирање на режимот на сообраќајот; изградба и одржување на улична сообраќајна сигнализација; изградба и одржување на јавен простор за паркирање;, одстранување на непрописно паркирани возила, одстранување на хаварисани возила од јавните површини, изградба и одржување на пазари; чистење на оџаците, одржување и користење на паркови, зеленило, парк-шуми и рекреативни површини; регулација, одржување и користење на речните корита во урбанизирани делови; определување на имиња на улици, плоштади и други инфраструктурни објекти;

5. Култура, во смисла на институционална и финансиска поддршка на културните установи и проекти, негување на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности, организирање на културни манифестации, поттикнување на разновидни специфични форми на творештво;

6. Спорт и рекреација, во смисла на развој на масовен спорт и рекреативни површини, организирање на спортски приредби и манифестации, одржување и изградба на објекти за спорт, поддршка на спортски сојузи;

7. Социјална заштита и заштита на деца, во смисла на финансирање, инвестиции, одржување и сопственост на детски градинки и домови за стари, остварување на социјална грижа за инвалидни лица, деца без родители и родителска грижа, деца со воспитно-социјални проблеми, деца со посебни проблеми, децата од еднородителски семејства, децата на улица, лицата изложени на социјален ризик, лицата засегнати со злоупотреба на дрога и алкохол, подигање на свеста на населението, домување на лица со социјален ризик, остварување на право и воспитување на децата од предучилишна возраст.

8. Образование во смисла на основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, како и организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови;

9.Здравствена заштита во смисла на управување со мрежата на јавни здравствени организации и објекти од примарна здравствена заштита во кои општината е застапена во сите одбори на сите здравствени организации во јавна сопственост, здравствено воспитување, унапредување на здравјето, превентивни активности, заштита на здравјето на работниците и заштита при работа, здравствен надзор над животната средина, надзор над заразните болести, помош на пациенти со социјални потреби и други области определени со закон;

10. Спроведување на подготовки и преземање мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра од воени разурнувања, природни непогоди и други несреќи и од последиците предизвикани од нив;

11. Противпожарна заштита вршена од територијалната противпожарна единица;

12. Надзор над вршењето на работи од надлежност на општината;

13. Други работи определени со закон.

Член 16

Работите од членот 15 на овој Статут, се уредуваат со прописи на Советот на општината, во согласност со постапките и стандардите утврдени со закон.

Член 17

Работите кои не се исклучени од надлежност на општината или не се во надлежност на органите на државната власт се определуваат со одлука на Советот на општината.

Со одлуката од став 1 на овој член се уредува начинот и постапката за вршење на тие работи.

  1.  ОРГАНИЗАЦИЈА И РАБОТА НА ОРГАНИТЕ НА ОПШТИНАТА 

  1.  Совет на општината

Член 18

Советот на општината е претставнички орган на граѓаните.

Советот на општината го сочинуваат  претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.

Мандатот на членовите на Советот трае 4 (четири) години.

Членот на Советот не може да биде отповикан.

Член 19

Советот на општината избира претседател од редот на членовите на Советот, со мандат од четири години.

Претседателот на Советот ги свикува и раководи со седниците на Советот на општината, се грижи за организацијата и работата на Советот и ги потпишува прописите што ги донел Советот и во рок од 3 (три) дена од денот на нивното донесување ги доставува на градоначалникот заради објавување.

Член 20

Членовите на Советот даваат и потпишуваат свечена изјава која гласи:

“Јас (име и презиме) свечено изјавувам дека правата и должностите на член на Советот ќе ги вршам свесно и дека при нивното вршење ќе ги почитувам Уставот, Законот, Прописите на Советот и дека ќе го штитам поредокот на Република Македонија“.

Член 21

Советот на општината ги врши следните работи:

  1. Донесува Статут на општината;
  2. Донесува Деловник на Советот;
  3. Донесува Програма за работа;
  4. Донесува Буџет на општината и Годишна сметка на општината;ж
  5. Ја утврдува висината на стапките на даноците и висината на надоместоците и таксите;
  6. Донесува Генерален урбанистички план;
  7. Донесува детални урбанистички планови и урбанистичка документација за населено место во општината;
  8. Донесува Програма за уредување на градежно земјиште;
  9. Донесува Програма за одржување на сообраќајната сигнализација; 
  10.  Донесува Одлука за регулирање на режимот на сообраќајот; 
  11.  Донесува Прописи од областа на заштитата на животната средина и природата, локалниот економски развој, културата, спортот и рекреацијата, социјалната заштита и заштитата на децата, образованието, здравствената заштита, противпожарната заштита, во рамките на надлежноста определена со посебен Закон или во согласност со национална програма; 
  12.  Донесува Програма за изградба и одржување на локални патишта и улици; 
  13.  Донесува Програма за јавно осветлување; 
  14.  Донесува Програма за изградба, реконструкција и одржување на локални водоводи; 
  15.  Донесува Програма за одржување на јавна чистота; 
  16.  Донесува Програма за одржување и користење на паркови и други јавни површини од локално значење; 
  17.  Донесува Програма за одржување на гробишта; 
  18.  Донесува Програма за одржување и користење на реките во урбанизирани подрачја; 
  19.  Донесува Одлука за јавна чистота; 
  20.  Донесува Одлука за начинот на превоз во градскиот и приградскиот сообраќај; 
  21.  Донесува Одлука за одржување и користење на јавните пазаришта; 
  22. Донесува Одлука за начинот на користење и одржување на гробиштата; 
  23.  Го уредува начинот на чистење на оџаците; 
  24.  Го уредува и одржувањето на јавниот простор за паркирање и начинот на негово користење; 
  25.  Определува имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти од локално значење; 
  26.  Ја утврдува организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација, на предлог на Градоначалникот; 
  27.  Основа јавни служби и врши надзор над нивната работа; 
  28.  Именува членови во управните одбори на јавните служби, кои ги основа; 
  29.  Усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основал; 
  30.  Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со Закон 
  31.  Ги усвојува извештаите за работата и годишните сметки на јавните служби, кои ги основал; 
  32.  Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината; 
  33.  Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на Буџетот на општината во согласност со Закон; 
  34.  Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со Закон; 
  35.  Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавна безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до Министерството за Внатрешни работи и Народниот Правобранител; 
  36.  Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за Внатрешни работиод областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот. 
  37.  Избира и разрешува претседател на Советот; 
  38.  Формира постојани и повремени комисии; 
  39.  Врши одделни овластувања во согласност со Законот врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на подрачјето на општината; 
  40.  Востановува општински признанија и награди; 
  41.  Дава мислење по предлог Законите кои се однесуваат на општината; 
  42.  Врши други избори и именувања од своја надлежност; 
  43.  Донесува други Одлуки за работите од своја надлежност; 
  44.  Врши и други работи.

Член 22

Советот на општината одлучува со мнозинство гласови од присутните членови на Советот, а најмалку со една третина од вкупниот број на членови на Советот, ако со Статутот не е предвидено посебно мнозинство.

Гласањето на седниците на Советот е јавно освен ако Советот не одлучи за одделни прашања гласањето  да е тајно.

Член 23

Вонредна седница се свикува за прашања од значење за безбедноста и сигурноста на граѓаните, за прашања кои настанале поради вонредни околности (пожар, поплави, земјотреси и сл.) и при тоа посета на делегација од друга земја кога истата сака да се обрати на членовите на Советот.

Член 24

Вонредната седница ја свикува претседателот на Советот по сопствена иницијатива на предлог на најмалку 1/3 од членовите или на предлог на Градоначалникот.

Поканата за седницата со предложениот дневен ред се доставува до членовите на Советот на најбрз можен начин.

Пред отпочнувањето со работа членовите на Советот гласаат за оправданоста на причините за свикување на седницата без материјална расправа.

Член 25

За претресување на прашања од своја надлежност Советот формира комисии.

Комисиите на Советот се формираат како постојани и повремени.

Мандатот на постојаните комисии трае колку и мандатот на членовите на Советот.

Член 26

Постојани комисии на Советот се:

-Комисија за финансирање, Буџет и локален економски развој;

-Комисија за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина;

-Комисија за општествени дејности;

-Комисија за Статут и Прописи

-Комисија за мандатни прашања, избор и именувања

Комисиите се составени од 5 (пет) члена на Советот.

Член 27

Комисиите на Советот на општината:

-расправаат за прашања од областа за која се формирани;

-даваат мислења и предлози до Советот

-ги разгледуваат предлозите на Градоначалникот, на членовите на Советот и иницијативите на граѓаните од областа за која се формирани.

Член 28

Комисијата за финансирање, Буџет и локален економски развој ги разгледува прашањата во врска со финансирањето на општината, Буџетот и годишната сметка како и прашањата од планирањето и програмирањето на локалниот економски равој.

Член 29

Комисијата за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина и природата ги разгледува прашањата од урбанистичкото планирање, прашањата од работата на јавните служби, прашањата од комуналното уредување на градот и населените места и прашањата од заштитата на животната средина и природата.

Член 30

Комисијата за општествени дејности ги разгледува прашањата од надлежност на општината а кои се однесуваат на културата, спортот и реконструкцијат, социјалната заштита и заштитата на децата, образованието, здравствената заштита, јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот како и противпожарната заштита.

Член 31

Комисијата за Статут и Прописи го утврдува предлогот на Статутот на општината, ги разгледува иницијативите и предлозите за измена на Статутот и ја следи неговата примена и ги разгледува начелните прашања од статутарен карактер.

Го утврдува предлогот на деловникот на Советот.

Подготвува предлог мислења по предлог Законите кои се однесуваат на општината.

Разгледува и други општи акти од надлежност на Советот на општината.

Член 32

Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, разгледува и подготвува предлози кои се однесуваат на мандатно имунитетните прашања.

Разгледува и подготвува предлози за избор и именување и разрешување од надлежност на Советот на општината,

Определува плати, надоместоци и други примања на избрани и именувани лица.

Дава предлог за висината на надоместокот на патните и дневните трошоци на членовите на Советот на општината, како и на трошоци направени во извршувањето на задачите што им ги доверил Советот на општината.

Претседателот и членовите на комисијата ги избира Советот на општината на својата прва седница.

Член 33

Претседателот и членовите на комисиите ги избира Советот на општината на предлог на комисијата за мандатни прашања избори и именувања.

Предлогот за избор содржи онолку кандидати колку што се избираат членови на работните тела.

Политичките партии кои партиципираат во Советот на општината ќе бидат пропорционално застапени во вкупниот број на членови на сите комисии.

Член 34

Начинот на работа на комисиите поблиску се уредува со Деловникот на Советот на општината.

  1.  Градоначалник на општината

Член 35

Градоначалникот ја претставува и застапува општината

Градоначалникот се избира на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со Закон за период од 4 (четири) години.

Градоначалникот својата функција ја извршува професионално.

Член 36

Градоначалникот во рамките на своите надлежности:

- иницира и предлага донесување на Прописи од надлежност на Советот на општината;

-го обезбедува извршувањето на работите кои му се делегирани од органот на државната управа;

-го предлага годишниот Буџет и годишната сметка на Буџетот на општината;

-го извршува Буџетот на општината;

-решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица, во согласност со Закон;

-раководи со општинската администрација;

-донесува правилник за систематизација на работните места во општинската администрација;

-одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со Закон;

-врши и други работи утврдени со Закон и со овој Статут.

Градоначалникот има право да присуствува и учествува во работата на седниците на Советот.

Член 37

Градоначалникот ги објавува прописите на Советот во Службен Гласник на општината.

Градоначалникот го обезбедува извршувањето на Одлуките на Советот.

Член 38

Градоначалникот е должен во рок од 7 (седум) дена од денот на доставувањето на прописот на Советот со решение да го запре неговото објавување доколку смета дека не е во согласност со Уставот и Законите.

Примерок од образложеното решение за необјавување се доставува до претседателот на Советот на општината;

Советот е должен, во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на објавувањето на решението да го разгледа и да одлучи по него.

Ако Советот го потврди прописот или не расправа во рокот од ставот 3 од овој член, градоначалникот е должен да го објави прописот и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставност и законитост на оспорениот пропис пред Уставниот Суд на Република Македонија.

За иницијативата градоначалникот е должен да го информира Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

Член 39

Градоначалникот најмалку два пати годишно го информира Советот за извршувањето на одлуките донесени од страна на Советот.

За извршување на своите надлежности Градоначалникот го информира Советот по потреба а најмалку еднаш во годината.

Член 40

Градоначалникот управува со сопственоста на општината како добар домаќин.

Во управувањето со сопственоста на општината градоначалникот е должен да преземе мерки и да го обезбеди користењето на сопственоста во согласност со Закон.

Член 41

За време на спреченост или отсуство до 6 (шест) месеци, градоначалникот го заменува член на Советот на општината кој го назначува градоначалникот.

За денот на настапување на спреченоста или отсуството градоначалникот го информира претседателот на Советот и со решение го определува членот на Советот кој ќе го заменува.

За време на заменување на градоначалникот, на членот на Советот на општината му мирува функцијата член на Советот.

Претседателот на Советот не може да го заменува Градоначалникот.

Совет за заштита на потрошувачите

Член 42

Советот на општината за разгледување на прашања и утврдување предлози кои се однесуваат на квалитетот на услугите на јавните служби основани од него, може да формира Совет за заштита на потрошувачите.

Советот за заштита на потрошувачите е составен од 7 (седум) члена, од кои 3 (три) члена се избираат од редот на правните лица и 4 (четири) члена од редот на физичките лица, како корисници на услуги што ги даваат јавните служби.

Членовите на Советот за заштита на потрошувачите се избираат на предлог на Комисијата за мандатни прашања избори и именување.

Мандатот на членовите трае 2 (две) години со можност повторно да бидат избрани.

Член 43

Советот за заштита на потрошувачите ја прати состојбата на квалитетот на услугите што ги даваат јавните служби, дава мислења и предлози за подобрување на квалитетот на услугите, организира јавни трибини, соработува со јавните служби и општинскатата администрација.

IV. АКТИ НА ОРГАНИТЕ НА ОПШТИНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА 

а) општи акти

Член 44

Статутот е основен акт на општината со кој се уредуваат основните прашања во врска со надлежностите и организацијата на општината и други прашања од значење за општината.

Статутот на општината се донесува во 2 (две) фази и тоа како Нацрт-Статут и Предлог-Статут.

Статутот на општината го донесува Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот на општината.

Член 45

Советот на општината донесува Деловник на Советот, Одлуки, Планови и програми, решенија, заклучоци и други акти и дава мислење и утврдува насоки.

Член 46

Со Деловникот на Советот се уредува начинот на работа на Советот и неговите Комисии, постапките за одлучување и односите со други органи.

Деловникот на Советот на општината се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот на општината.

Член 47

Со Одлука на Советот се уредуваат работите од локално значење од надлежност на општината.

Со Одлука на Советот на општината, се основа општинската администрација и се уредува начинот на нејзиното работење и се основаат јавни служби.

Со Одлука Советот уредува и други прашања од своја надлежност.

Член 48

Советот донесува заклучоци кога разгледува пооделни извештаи, информации и анализи.

Советот дава мислење и утврдува насоки за извршување на прописите и  другите акти што ги донесува Советот на општината.

Член 49

Постапката за донесување на општите акти се уредува со Деловникот на Советот на општината.

Општите и другите акти се објавуваат во Службен Гласник на општината.          

Општите акти стапуваат на сила 8 (осмиот) ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го уредува Советот на општината со денот на објавувањето.

а) Поединечни акти

Член 50

Советот и Градоначалникот во рамките на својата надлежност донесуваат поединечни акти.

Советот донесува решенија за избор и именување.

Градоначалникот на општината донесува решение.

Член 51

Градоначалникот на општината е должен во рок од 7 (седум) дена од денот на донесувањето на актите да ги објави во Службен Гласник на општината.

Член 52

За објавените акти се води посебна збирка.

Збирката може да ја користат граѓаните и истата ќе биде во секое време на увид.

V. ОБЛИЦИ НА НЕПОСРЕДНО УЧЕСТВО НА ГРАЃАНИТЕ ВО ОДЛУЧУВАЊЕТО  НА ОПШТИНАТА 

а) Граѓанска иницијатива

Член 53

Граѓаните имаат право да му предложат на Советот на општината да донесе одреден акт или да реши одредени прашања од своја надлежност.

Советот е должен во рок од 90 дена да расправа по иницијативата на граѓаните доколку истата е поддржана од најмалку 10% од избирачите во општината.

Поддршката од став 2 на овој член се обезбедува со потписи на граѓаните.

За решенијата по поднесената иницијатива Советот ги информира граѓаните.

Граѓанската иницијатива не може да се поднесе за кадровски и финансиски прашања.

б) Собир на граѓани

Член 54

Собир на граѓани свикува Градоначалникот по своја иницијатива, на барање на Советот или на барање на најмалку 10% од избирачите на општината, односно месната самоуправа на која се однесува определено прашање.

Собир на граѓани може да се свика за подрачјето на целата општина или за подрачјето на месна самоуправа.

Градоначалникот е должен во рок од 30 (триесет) дена да свика собир на граѓани на барање од најмалку 10% од избирачите во општината или месната самоуправа за која се однесува определеното прашање.

Барањето за свикување на собир на граѓани со потписи на заинтересираните граѓани се поднесува до Градоначалникот.

Актот за свикување на собирот на граѓаните се објавува во локалните средства за информирање и се истакнува на јавни места на вообичаен начин.

Од денот на објавувањето, односно истакнувањето на актот за свикување на собирот на граѓаните до денот на неговото одржување мора да изминат најмалку 5 (пет) дена.

Член 55

На собирот на граѓани во одлучувањето учествуваат граѓаните кои имаат избирачко право.

Собирот на граѓани го води градоначалникот или лице овластено од него.

За прашањата за кои се расправа на собирот на граѓани известува Градоначалникот, а по потреба и други овластени претставници на општинската администрација.

Член 56

Заклучоците донесени на собирот на граѓани, органите на општината се должни во рок од 90 (деведесет) дена да ги разгледаат и да ги земат предвид при одлучувањето и донесувањето мерки по прашањата на кои се однесуваат, како и да ги информираат граѓаните за своите одлуки.

в) Референдум

Член 57

Референдум може да распишеш Советот на општината по своја иницијатива за прашања од негова надлежност.

Советот е должен да распише референдум на барање од најмалку 20% од избирачите на општината.

Барањето за распишување на референдум се доставува до Советот на општината со потписи на заинтересираните избирачи дадени пред надлежниот орган кој води евиденција за избирачкото право на граѓаните од општината.

Член 58

По барањето за распишување референдум Советот на општината во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на барањето донесува Одлука за распишување на референдум.

Одлуката за распишување на референдум содржи предмет на референдумот и денот на неговото одржување.

Член 59

Одлуката за распишување на референдумот се објавува во службеното гласило и другите средства за објавување во општината.

Од денот на објавувањето на Одлуката за распишување на референдумот до денот на одржувањето на референдумот не може да поминат помалку од 15 (петнаесет) дена, ниту повеќе од 60 (шеесет) дена.

Член 60

Право на гласање на референдумот имаат граѓаните кои имаат избирачко право.

Реферемдумот го спроведува Комисија за спроведување на референдумот.

Претседателот и членовите на Комисијата ги именува Советот на општината.

Член 61

Комисијата за спроведување на референдумот:

-го определува времето на гласање;

-врши технички подготовки за спроведување на референдумот;

-ги определува гласачките места;

-ги утврдува резултатите од гласањето и

-се грижи за законито спроведување на референдумот.

Член 62

За спроведување на гласањето на референдумот, Комисијата за гласачките места формира одбори за спроведување на референдумот.

Одборите ја спроведуваат правилноста и тајноста на референдумот.

Член 63

Времето на гласањето мора да се определи така што да им се овозможи учество на референдумот на сите граѓани што имаат право на глас.

На гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во избирачкиот список, гласањето може да заврши и пред истекот на врето определено за гласање.

Член 64

Прашањето, односно актот што е предмет на референдумот мора да биде на соодветен начин изложено на гласачкото место.

Членовите на Одборот се должни на граѓанинот што пристапил кон гласање, по негово барање да му дадат објаснување за предметот на референдумот и за начинот на гласање.

Член 65

На референдумот секој граѓанин има право само на еден глас.

Граѓанинот може да гласа само лично.

Член 66

На референдумот се гласа со гласачко ливче.

Содржината на гласачкото ливче ја пропишува Комисијата за спроведување на референдумот.

Прашањето на гласачкото ливче мора да биде формулирано прецизно и недвосмислено така што граѓанинот на референдум да може да одговори со “ЗА“ или “ПРОТИВ“ предлогот.

Член 67

Граѓанинот на референдумот се изјаснува така што на гласачкото ливче го заокружува зборот “ЗА“ или “ПРОТИВ“.

Кога на референдумот се поставени повеќе алтернативи, граѓанинот се изјаснува така што го заокружува зборот “ЗА“ или “ПРОТИВ“ од алтернативата за која гласа.

Член 68

По завршување на гласањето Одборот го утврдува резултатот од гласањето на гласачкото место и за тоа составува записник.

Формата и содржината на записникот ги пропишува Комисијата за спроведување на референдумот.

Веднаш по составување на записникот, Одборот доставува Извештај до Комисијата за спроведување на референдумот.

Член 69

Комисијата за спроведување на референдумот врз основа на примениот гласачки материјал од сите гласачки места го утврдува резултатот од референдумот.

Одлуката за референдумот се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на запишани избирачи.

Одлуката донесена на референдумот е задолжителна и се објавува во Службеното Гласило на општината.

Комисијата за спроведување на референдумот поднесува извештај за спроведениот референдум до Советот на општината.

Член 70

Прашањето, односно актот што граѓаните не го прифатиле на референдумот не може повторно да се изнесува на референдум пред истекот на 6 (шест) месеци од денот на одржување на референдумот.

г) Претставки и предлози

Член 71

За работата на органите на општината и општинската администрација, граѓаните имаат право, поединечно или заеднички со другите да доставуваат претставки и предлози.

Член 72

Претставките и предлозите се поднесуваат во писмена форма или усно на записник, поединечно или групно, до Градоначалникот.

За претставките и предлозите не се плаќа такса.

Член 73

Подносителот не смее да трпи штетни последици поради поднесување на претставки, ниту поради тоа може да биде повикан на одговорност.

Член 74

Постапувањето по претставките и предлозите опфаќа прибирање на податоци, известувања и мислења за околностите што се од значење за правилно оценување на претставката, како и преземање на потребни мерки за отстранување на повредата на правото на подносителот или повреда на јавните интереси.

Член 75

Градоначалникот на општината е должен најдоцна во рок од 60 (шеесет) дена од денот на приемот на претставката , односно предлогот на подносителот да му достави образложен одговор.

Ако претставката или предлогот не се однесуваат на работата од надлежност на органите на општината, Градоначалникот ги доставува до соответен надлежен орган и за тоа го известува подносителот.

д) јавни трибини, анкети и предлози

Член 76

Органите на општината, при донесувањето на прописи од својата надлежност претходно можат да организираат јавна трибина, да спроведат анкети или да побараат предлози од граѓаните.

Јавна трибина се организира кога се донесуваат прописи за прашања од локалниот економски развој, комунални потреби (водоснабдување, одржување на јавна чистота, одржување на локални патишта и улици) и други прашања од поширокок локално значење.

Анкета се спроведува за донесување на урбанистички планови и други прашања од локално значење;

Прибирање предлози од граѓаните за решавање на прашања од локално значење, ќе се врши преку објавување на соопштение на кое ќе се повикаат граќаните да даваат свои предлози.

Постапката, начинот и времето на преземање на една од наведените активности од ставот 1 на овој член, ќе се уреди со Одлука донесена од органот кој ја организирал.

VI. СОПСТВЕНОСТ НА ОПШТИНАТА 

Член 77

Сопственоста на општината го сочинуваат неподвижни и подвижни ствари, парични средства и права.

Сопственоста општината ја стекнува од сопствени извори на приходи, по пат на финансирање од граѓаните или со нивно учество на друг начин, од подароци и по други основи.

Член 78

За купување, отуѓување и оптоварување на сопственоста на општината одлучува Советот на општината.

Отуѓувањето на сопственоста на општината се врши само по пат на јавно наддавање, согласно Закон.

Продажната цена на стварите не смее да биде помала од нивната пазарна вредност.

Средствата добиени од продажбата на стварите може да се инвестираат само за стекнување на нови или реконструкција на постојни ствари во сопственост на општината.

Член 79 

Општината ја евидентира својата сопственост и нејзината проценка се искажува во годишната сметка.

Член 80

Стварите во сопственост на општината можат да се дадат на користење на други субјекти по пат на јавно надавање, во согласност со Закон.

Член 81

Општината се финансира од сопствени извори на приходи, локални даноци, надоместоци и такси утврдени со Закон, дотации од државата и други извори на приходи утврдени со Закон.

Општината во рамките на своите надлежности, самостојно располага со сопствените извори на приходи.

Член 82

Приходите и трошоците на општината се утврдуваат со Буџетот на општината.

Буџетот на општината содржи биланс на приходите и трошоците на Буџетот, а се однесува на фискална година од 12 (дванаесет) месеци која почнува на 1-ви Јануари, а завршува на 31-ви Декември од секоја календарска година.

Член 83

Предлогот на Буџетот на општината го утврдува Градоначалникот и го доставува до Советот на општината за донесување не подоцна од средината на месец Ноември.

Советот на општината не може да го разгледува предлогот на Буџетот на општината пред истекот на 20 (дваесет) дена од денот на доставувањето до советниците на Советот на општината.

Член 84

За секоја промена на Буџетот на општината, за дополнително усвоени трошоци пропратено со мерки што ќе ги зголемат предложените приходи или ќе ги намалат другите трошоци во сразмерен износ, Одлука донесува Советот на општината.

Член 85

За покривање на непредвидените барања за трошоци кои ќе се појават во текот на буџетската година, од вкупните тековни и капитални трошоци се издвојува буџетска резерва во висина на утврдена со Закон.

За користење на средствата на буџетската резерва одлучува Советот на општината по предлог на Градоначалникот на општината.

Советот на општината до Одлука може да го овласти Градоначалникот за начинот на користење на буџетската резерва.

Член 86

Доколку Буџетот на општината за наредната година не биде донесен до 31-ви Декември во тековната година, ќе се постапи согласно со Законот за буџетите и се воведува времено финансирање и тоа најдолго за 6 (шест) месеци.

Член 87

На крајот на секоја фискална година се изготвува годишна сметка на Буџетот на општината.

Годишната сметка на Буџетот, Советот на општината треба да ја усвои најдоцна до 31-ви Март во тековната година, за претходната година.

Член 88

Извршувањето на Буџетот на општината го врши Градоначалникот, а поконкретно се уредува со Одлука за извршување на Буџетот на општината.

  1.  МЕСНА САМОУПРАВА ВО ОПШТИНАТА 

Член 89

Граѓаните во општината одлучуваат и за работите од непосредно и секојдневно значење од својот живот и работа и преку облици на месна самоуправа кои можат да ги основаат согласно со овој Статут.

Член 90

Во општината како облици на месна самоуправа можат да се основаат во градот-урбани заедници и во другите населени места-месни заедници.

Член 91

Обликот на месна самоуправа се основа, во градот за урбана единица согласно урбанистичкиот план, а за останатите населени места на катастарската општина на населеното место.

Член 92

Иницијатива за основање облици на месна самоуправа можат да покренат најмалку 10% од граѓаните, жители од подрачјето за кои има интерес за основање на облик на месна самоуправа.

Член 93

Иницијативата за основање содржи: подносител, опис на подрачјето за кое се бара основање на обликот на месна самоуправа, образложение на потребите за основање и потпис на заинтересираните граѓани.

Иницијативата за основање се доставува до Советот на општината кој ја разгледува и оценува дали се исполнети условите и основани потребите за основање на облик на месна самоуправа.

Член 94

Одлуката за основање на облик на месна самоуправа се донесува на Собир на граѓани од соодветното подрачје по пат на јавно гласање со мнозинство на гласови од присутните граѓани.

Член 95

Граѓаните преку облиците на месна самоуправа, во согласност со овој Статут и Одлуките за основање, се грижат за:

-решавање на прашањата од комуналната инфраструктура за соодветното подрачје;

-изградба и одржување на објекти од јавен интерес / водоводи, улици, културни домови, спортски објекти и др.;

-заштита на животната средина и природата;

-уредување и одржување на гробиштата во селските населби;

-покренување иницијатива за уредување на просторот;

-организирање културни, спортски, забавни и други манифестации и

-други работи од непосредно секојдневно значење за животот и работата на граѓаните;

Советот на облиците на месна самоуправа дава иницијатива и предлози до надлежните органни на општината, за прашања од областа на образованието, здравството, социјалната заштита и други прашања од интерес на граѓаните.

Член 96

Работите од член 93 од овој Статут се финансираат од:

-средства кои што општината им ги отстапи на облиците на месна самоуправа согласно со плановите и програмите за нивниот развој;

-средствата што граѓаните непосредно ги здружуваат;

-средствата што ќе ги издвојат заинтересираните правни и физички лица;

-средства од надоместок на услуги и

-подароци и други средства

Член 97

Орган на облиците на месна самоуправа е Советот.

Советот го избираат граѓаните на обликот на месната самоуправа на собир на граѓани со јавно гласање, доколку собирот не одлучи гласањето да биде тајно.

Советот е составен од 3 (три) до 7 (седум) члена.

Мандатот на членовите на Советот трае 4 (четири) години.

Член 98

Одлука за распишување на избор на членови на Советот донесува Советот во стариот состав, најдоцна 30 (триесет) дена пред истекот на мандатот.

Ако Одлуката од став 1 на овој член не се донесе во утврдениот рок, Одлука за распишување на избор на членови на одборот донесува Градоначалникот на општината во рок од 15 (петнаесет) дена.

Член 99

Предлагање и утврдување на кандидати за членови на Советот се врши на собир на граѓани.

За утврдени се сметаат кандидати кои добиле мнозинство, односно најголем број гласови од присутните граѓани на собирот.

Член 100

Постапка за предлагање, утврдување и избор на членови на Советот поблиску се уредува со Правилата за работа на обликот на месна самоуправа.

Член 101

За избрани членови на Советот се сметаат кандидати кои добиле мнозинство односно најголем број на гласови од избирачите кои гласале.

Член 102

Советот од своите членови избира претседател кој го претставува и застапува обликот на месна самоуправа.

Советот донесува правила со кои се уредува работата на обликот на месна самоуправа како и програма за работа, по претходно мислење на Советот на општината.

Член 103

Градоначалникот на општината, со решение може да делигира вршење на определена работа од непосреден интерес и секојдневно значење за животот и работата на      жителите, на претседателот на Советот во обликот на месната самоуправа.

Средствата потребни за извршување на работите, од ставот 1 на овој член се утврдуваат во решението за делегирање на надлежноста.

Со решението се определува органот и начинот на вршење на надзор над извршувањето на работите од ставот 1 на овој член.

Член 104

Општинската администрација ги врши стручните, административно-техничките и сметководствено финансиските работи на органот на обликот на месна самоуправа.

Контрола над трошењето на средствата што ќе бидат пренесени за извршување на делегираните надлежности врши општинската администрација.

VIII. НАЧИН И ПОСТАПКА ЗА УТВРДУВАЊЕ И УПОТРЕБА НА ГРБОТ И ЗНАМЕТО НА ОПШТИНАТА  

Член 105

Грбот и знамето на општината се утврдуваат со Одлука на Советот на општината.

За утврдување на грбот и знамето на општината, Советот на општината распишува конкурс и образува комисија.

Член 106

Комисијата од пристигнатите трудови по објавениот конкурс утврдува предлог на грб, односно знаме на општината и го доставува до Советот на општината на усвојување.

Член 107

Советот на општината со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот одлучува по предлогот на Комисијата.

Одлуката на Советот за утврдување на грб односно знаме на општината е составен дел од Статутот на општината.

Член 108

Грбот на општината се употребува во состав на печатот на општината.

Грбот на општината може да се употребува и на официјални покани, честитки и на слични акти што ги користат Советот и Градоначалникот на општината.

Советот на општината може да одобри употреба на грбот на општината на физички и правни лица, ако оцени дека е тоа во интерес на општината.

Член 109

Знамето на општината се истакнува на зградата на општината и на видни места во општината.

Знамето на општината може да се истакнува и при меѓународни средби, натпревари и други собири на кои учествува или е репрезентатирана општината.

Член 110

Грбот и знамето на општината не смеат да се употребуваат ако се оштетени или со својот изглед се неподобни за употреба.

IX. ЗАШТИТА НА ОПШТИНАТА 

Член 111

Иницијатива за оцена на уставноста на законите и законитоста на општите акти на Министерствата и другите органи на државната управа со кои се нарушува уставната положба и правото на општината, утврдени со Уставот и Законите, може да поднесат Советот, односно Градоначалникот на општината до Уставниот Суд на Република Македонија.

Член 112

Градоначалникот на општината има право да бара судска заштита пред надлежните судови кога на општината и се попречува вршењето на дадените надлежности со Устав и Закон, со акти и активности на органите на државната управа и на Владата на Република Македонија.

X. ПОСТАПКА ЗА ИАМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊА НА СТАТУТОТ НА ОПШТИНАТА 

Член 113

Измени и дополнувања на Статутот на општината можат да предложат најмалки 1 / 2 од членовите на Советот на општината, Градоначалникот на општината или најмалку 10% од избирачите во општината.

Член 114

Одлука за пристапување кон измени на Статутот донесува Советот на општината со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

Член 115

Измените на Статутот на општината се донесени ако за нив гласале мнозинство од членовите на Советот на општината.

XI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ 

Член 116

Одредбите од членовите 14, 15 и 16 од Статутот на општина Валандово бр. 08-56/2 од 29.05.1996 година ќе продолжат да се применуваат се до донесување на посебните Закони.

Член 117

Одредбите од членовите 18, 25, 26, 27, 28, 29, 30, 31, 32, 33, 34, 35, став 3, 87, 88, 89, 90, 91, 92, 93, 94, 95, 96, 97, 98, 99, 100, 101 и 102 од овој Статут ќе влезат во сила на наредните локални избори.

Член 118

Со денот на влегување во сила на овој Статут престанува да важи Статутот на општина Валандово бр. 08-56/2 од 29.05.1996 година.

Член 119

Овој Статут влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Валандово“.

 

 

ОПШТИНА  ВАЛАНДОВО


Go to top